„Ајде да играме тенис“ – прерасна во традиција

 

Вип ТЕНИСКИ ТЕРЕНИ исполнети со спортски ентузијасти

Денес, во Спортскиот Центар „Борис Трајковски“, во рамките на ВИП тениски терени, со почеток во 10:00 часот, се одржа вториот бесплатен и отворен час по тенис, на кој од 19-ти до 21-ти април, сите заинтересирани лица од 6 до 18 годишна возраст, имаа шанса да се пријават и да бидат дел од оваа манифестација. Овој спортски настан насловен како „Ајде да играме тенис“, беше под водство на двајца професионални тренери по тенис, кои на присутните им покажаа и презентираа дел од основните спортски вештини на овој популарен спорт.

-Денес во организација на Спортскиот центар Борис Трајковски се спроведува проектот „Ајде да играме тенис“. По одличното искуство од минатата година ние како спортски центар се решививме ВИП тениските терени и оваа сезона да бидат домаќини на отворениот час во тенис. Би сакал да истакнам дека на сите учесници кои денес се дел од оваа бесплатна обука, им беше овозможено подобро да се запознаат со основите и убавините за тенисот како спорт и тоа од страна на искусни и професионални тренери. Ние како раководство на Спортскиот Центар позитивно сме изненадени од големата заинтересираност и одзивот од страна на граѓаните, поточно од младите вљубеници во тенисот. Нашата цел е што повеќе млади луѓе да ги насочиме кон спортот и здравиот начин на живот. Младите учесници денес се покажаа како големи спортски ентузијасти без разлика што повеќето се почетни рекреативци, и искрено веруваме дека во некој од нив ќе се пробуди интересот за да продолжи да се занимава со овој популарен спорт. „Ајде да играме тенис“ е само дел од богатиот оперативен план на Спортскиот центар Борис Трајковски за 2017-та година-изјави Јане Мицевски Раководител на сектор продажба при СЦ Борис Трајковски.

Сите пријавени млади лица, кои беа дел од првиот бесплатен отворен час по тенис во Спортскиот Центар „Борис Трајковски“, имаа можност да ја искусат позитивната атмосфера и спортскиот дух кои се карактеристични за тенисот како спортска дисциплина.


Печати