Во склоп на СЦ „Борис Трајковски“, ВИП тениските терени се припремаат со полна пареа. Главната причина е најавениот новитет во тековната програма на спортскиот центар, наменет за сите граѓани и спортски ентузијасти кои се вљубеници во тенисот. На 14.05.2016 година (сабота), со почеток во 10:00 часот, за прв пат ќе се одржи првиот отворен час по тенис, насловен како „Ајде да играме тенис“.
Од Спортскиот Центар „Борис Трајковски“, нагласуваат дека овој час ќе биде бесплатен за сите заинтересирани граѓани, а истиот ќе биде наменет за сите лица кои се почетници во тенисот, но и за сите оние кои имаат желба да се запознаат подобро со убавините на овој спорт. Со цел да се присуствува на бесплатниот отворен час по тенис, „Ајде да играме тенис“, се наведува дека е потребно секое заинтересирано лице да се пријави на телефонскиот број 078361632 или пак директно на касата на ВИП тениските терени. Во зависност од бројот на пријавените, ќе се формираат групи кои ќе бидат обучени од двајца професионални тренери по тенис, кои пак ќе го пренесат своето знаење и вештини на идните рекреативци или професионални тенисери.
„До сега, првиот квартал од оваа 2016 година, со досегашната имплементирана програма која е дел од оперативниот план на спортскиот центар, се покажа како успешен за СЦ „Борис Трајковски“ со одлични резултати и задоволително ниво на посетеност на спортските терени. Според тоа, во претстојниот период, како спортски центар кој секогаш се труди своите проекти да ги насочува кон исполнување на барањата и очекувањата на граѓаните, би сакал да најавам еден новитет како и официјално да ги поканам сите заинтересирани граѓани и вљубеници во тенисот, на првиот бесплатен отворен ден „Ајде да играме тенис“. Истиот ќе се одржи на ВИП тениските терени во склоп на Спортскиот Центар „Борис Трајковски“ во месец мај. Од 9ти до 13ти мај, секое лице кое ќе пројави интерес да научи нешто повеќе за вештините на овој прекрасен спорт, ќе има можност да се пријави за бесплатен час под капата на двајца искусни и професионални тренери по тенис. Имаме позитивен став кон очекуваниот одзив од страна на спортските ентузијасти и љубителите на тенисот и јас искрено се надевам дека ова е само дел од спортските активности кои што граѓаните очекуваат да се реализираат во иднина во склоп на Спортскиот Центар „Борис Трајковски“,“ изјави Златко Перински, Директор на СЦ „Борис Трајковски“
Пријавувањето ќе започне од 09.05.2016 и ќе трае заклучно со 13.05.2016, а право на пријавување ќе имаат сите лица од 6 до 18 годишна возраст. Дополнително, при процесот на пријавување, ќе биде задолжително да се наведе возраста на лицето кое ќе пројави интерес да посетува бесплатен час по тенис.