Во Сабота (25.02.2017) во период од 12:00 до 13:30 часот, Вип Арена СЦ "Борис Трајковски" ќе биде средиште на задоволни семејства, кои низ ревијални спортски натпревари ќе имаат можност да се дружат, спортуваат и забавуваат со своите најмили.
Ова е дел од проектот на Агенцијата за млади и спорт, СЦ "Борис Трајковски" и Сојузот на спортски федерации на Македонија, кој по втор пат на едно место ќе собере познати спортисти, културни умeтници и граѓани со една и единствена цел да го промовира спортот преку семејните вредности.
“ Идејата на проектот е да овозможиме пред сè дружење и забава за целото семејство преку рекреативни и друштвени игри во кои сите ќе бидат “победници”,а ќе нема поразени. Очекуваме масовна посетеност во сабота, со што ќе овозможиме покрај забавата и дружењето, дечињата одблизу да ја почуствуваат атмосферата во Вип Арената СЦ Борис Трајковски во која се испишани најголемите спортски, репрезентативни и клубски успеси и со тоа да ги насочиме кон спорт и здрав начин на живот”, изјави Златко Перински, директор на “СЦ Борис Трајковски”.
На настанот предвидени се десет спортски и друштвени игри кои ќе бидат промовирани од нашите познати и врвни спортисти. За сите учесници предвидени се симболични спортски награди.
“ Промоцијата и воздигнувањето на спортот, негувањето на семејните вредности и мотивирањето на граѓаните за што почесто спортување и спортско дружење со своите семејства е една од главните причини за реализација на овој проект. Убеден сум дека на ваков начин ќе придонесеме за подигнување на свеста за водење на спортски и здрав начин на живот од една страна,но и за одржување на семејните врски и вредности преку спортските активности”-потенцираше директорот на Агенцијата за млади и спорт, Марјан Спасески.
Предвидено е настанот да започне во 12 00 часот и да трае до 13 30 часот.