Зимска идила во СЦ Борис Трајковски: Лизгалките на нозе и подгответе се за уживање на мразот

Со доаѓањето на зимата сè попопуларни стануваат зимските спортови, особено рекреативното и уметничкото лизгање, кои покрај тоа што му даваат дополнителна енергија на нашето тело и грациозност, на најдобар можен начин совршено го дефинираат телото, ни ја даваат потребната свежина и го подобруваат нашето здравје.

Како и минатите години, така и оваа, во СЦ Борис Трајковски започна со работа Игралиштето за хокеј и уметничко лизгање на кое се лизга на вистински мраз со цел овозможување на оптимални услови за сите љубители. Убавината да се лизга на вистински мраз минатата сезона ја почувствуваа повеќе од 50.000 граѓани, а во школите за уметничко лизгање и хокеј досега имаат учествувано повеќе од 300 деца.

И оваа година СЦ Борис Трајковски мисли на сите љубители на зимските спортови. Од 15-ти ноември започна со работа Игралиштето за хокеј и уметничко лизгање, каде покрај тоа што функционира нашата Школа за уметничко лизгање, имаме и термини за рекреативно лизгање за сите наши граѓани кои што можат да дојдат да изнајмат лизгалки или пак да си донесат свои и да уживаат на вистинскиот мраз. Секако, тука се и хокеј тренинзите. Откако функционира нашето Игралиште за хокеј и уметничко лизгање, секоја година се повеќе граѓани доаѓаат и го поминуваат своето слободно време лизгајќи и забавувајќи се на мразот, а особено сум горд и на нашите натпреварувачи во Школата за уметничко лизгање кои покажуваат дека во Македонија има талентирани деца за лизгање со освоените медали на меѓународните натпревари, изјави Директорот на СЦ Борис Трајковски, Златко Перински.

Како и минатите сезони, така и оваа сезона на лизгалиштето ќе се имплементираат различни програми на рекреативно лизгање со кои уживањето и добрата забава за време на лизгањето е загарантирана, а со работа продолжуваат и школите по хокеј и по уметничко лизгање.

„Моментално имаме три групи кои што тренираат во нашата школа. Децата кои се натпреваруваат тренираат минимум пет пати неделно, два пати на ден, еднаш наутро пред училиште, а потоа и попладне. Почетниците, т.е. оние кои што сакаат да научат да лизгаат и оние кои сакаат само рекреативно да се занимаваат со лизгање тренираат три пати неделно. Може било кој да се запише во нашата школа и да започне да лизга. Препорачаната возраст е 4 години, додека горната граница не постои, што значи секој оној кој што сака да лизга може да дојде во СЦ Борис Трајковски и да ни се придружи. Почетниците и оние кои што сакаат да научат да лизгаат можат да не најдат во Школото за почетници секоја среда од 18:45 часот, сабота и недела во 10:15 часот. Оваа година со нашите лизгачи кои што се натпреваруваат планираме да одиме на 6 меѓународни натпревари, првиот е во декември во Нови Сад, таму се натпреваруваме веќе традиционално. Подготвуваме нови кореографии, музика, полека ја планираме и новогодишната претстава. Сме биле на многу натпревари, во Будимпешта, Софија, неколку градови во Србија. Имаме освоено многу медали, бидејќи станува збор за трета сезона на мраз. Јас сум многу задоволна бидејќи имаме многу талентирани деца, тие се дисциплинирани, сакаат да работат и се желни за успех", изјави првата жена тренер по уметничко лизгање во СЦ Борис Трајковски, Ксенија Јасташењски Симиќ.

Сите оние кои што сакаат рекреативно да лизгаат можат секој ден да дојдат во СЦ Борис Трајковски и да се забавуваат на мразот. Билетот за рекреативно лизгање изнесува 100 денари, а изнајмувањето на лизгалки чини 50 денари. Доколку сакате да започнете со тренинзи, било рекреативни, или пак натпреварувачки, тогаш сите информации можете да ги дознаете секоја среда од 18:45 часот, како и сабота и недела од 10:15 часот.


Печати