Кој капацитет најмногу Ви се допаѓа

Developed in conjunction with Ext-Joom.com



logoscbt

 Во „Борис Трајковски“ лани се одржаа 66 официјални натпревари, две европски и едно светско првенство, 16 концертни манифестации, 4 политички настани. Имаше 34.000 посети во „Вип аквапарк“, 19.800 посети на „Вип лизгалиште“, 12.000 посети месечно во „Вип базен“

01

Минатата 2016 година се смета за една од најуспешните на Спортскиот центар „Борис Трајковски“, каде што веќе две и пол години на челната позиција е Златко Перински. Во „Борис Трајковски“ лани се одржаа 66 официјални натпревари, две европски и едно светско првенство, 16 концертни манифестации, 4 политички настани.

Имаше 34.000 посети во „Вип аква парк“, 19.800 посети на „Вип лизгалиште“, 12.000 посети месечно во „Вип базен“, 275 родендени во „Вип кугларница“, повеќе од 2.500 посети во „Вип фитнес“ и во „Вип аеробик“.

02

Повеќе од две и пол години сте на чело на СЦ „Борис Трајковски“. Вие дојдовте од приватниот сектор каде што работевте со години. Што би издвоиле од досегашното работење?

- Токму така, со одлука на Владата на Република Македонија од август 2014 година сум назначен на чело на најголемиот спортски центар во земјава. Како што најавивте, доаѓам од приватниот сектор поточно од позиција управител на германска банка за матични клетки, распоредена во повеќе балкански земји. За мое лично задоволство заедно со мојот тим за краток период успеавме компанијата да ја направиме лидер на Балканот во областа на матичните клетки.

Сепак, да се биде на чело на најголемиот Спортски центар во државата за мене претставуваше огромен предизвик. Тогаш како и сега се водиме со една идеја, да продолжиме да го надградуваме и модернизираме Спортскиот центар „Борис Трајковски“ според потребите на граѓаните за да прерасне најголем и најсовремен спортски центар во регионот. Веќе две и пол години заедно со менаџментот и останатите вработени го даваме максимумот од себе за да ги реализираме сите замислени проекти кои значат афирмација на спортскиот центар, доближување до спортските клубови, федерации и сите оние што имаат желба да се занимаваат со спорт.

03

Што според вас го одбележа работењето на Спортскиот центар во 2016 година?

- Изминатата година, според мене, е најуспешна година од постоењето на Спортскиот центар. Со искрена и посветена работа на целокупниот тим на вработени, успеавме да реализираме многубројни проекти наменети за сите категории граѓани. Ќе споменам неколку од нив. Преку проектот „Ајде да играме тенис“ сите граѓани имаа можност без никаква финансиски надомест да ги искусат основите на тениската игра. Проектот се реализираше на тениските терени „Вип“, обуките ги вршеа двајца професионални тренери.

Првпат на овие простори се спроведе проектот „Аква пилатес“. Содржината на овој проект потекнува од Лондон и интересно за овој вид пилатес е тоа што тренинзите односно вежбите се изведуваат на подлоги кои лебдат на површината на водата. Преку проектот „Сите во кајак“, пак, нашиот Спортски центар заедно со Кајак кану клубот „Илинден 90“ на сите заинтересирани им овозможи  бесплатна посета и запознавање со кајакарството како спорт. Проектот се спроведува во малиот базен при пливачкиот базен „Вип“.

04

Како компанија со општествена одговорност склучивме меморандуми за соработка со Здружението на глуви и наглуви „Тишина“, Карпош од Скопје, и на наше огромно задоволство, со Специјалната олимпијада на Македонија. Особено ни е драго што сè повеќе различни категории граѓани имаат можност да ги искористат капацитетите на Спортскиот центар и сè она што се нуди.

Тука не би ја изоставил да ја споменам и деловната соработка со „Оне.Вип“ преку која успеавме да влеземе во партнерски проекти за промоција на општествено одговорните активности, спортот, спортскиот начин на живот и семејните вредности.

05

Ја споменавте деловната соработка, односно брендирањето на „Оне.Вип“. Како се случи сето тоа и со која намена?

- Во 2008 година кога првпат отпочна со работа Спортскиот центар „Борис Трајковски“, по примерот на многу светски спортски центри, ние како спортски центар не ја исклучивме можност нашите капацитети да ги брендираме под брендот „Вип“, како и именување на спортската арена во „Вип арена“. Таквите успешни приказни години наназад функционираат насекаде во светот. Веќе и во Македонија.

Оваа 2016 година беше со прилично набиена агенда. Што сè се случуваше изминатава година во Спортскиот центар „Борис Трајковски“?

- Кога ќе го погледнам календарот за настани во 2016 година, практично и да нема викенд каде што нема настан од поголем карактер. Изминатава година во „Вип арената“ беа организирани вкупно 66 официјални натпревари во најразлични спортови. Домаќини бевме на 2 европски и 1 светско првенство. Љубителите на музиката имаа можност да присуствуваат на 16 концертни манифестации. Како што знаете, 2016 година беше и година на предвремени парламентарни избори така што „Вип арената“ 4 пати беше изнајмувања за настани од политички карактер.

Нескромно би сакал да кажам дека имавме преку 34.000 посетители во „Вип аквапаркот“, околу 20.000 посети на „Вип лизгалиштето“, преку 12.000 посети на „Вип базенот“ на месечно ниво, 2.500 посети месечно во „Вип фитнес“ и „Вип аеробик центарот“. Според нашата евиденција, изминатата година Спортскиот центар го посетиле повеќе од 700.000 посетители. Им благодарам на сите вработени што дадоа свој придонес во постигнувањето на овие резултати кои за нас се рекордни. За мене огромната поддршка од мојот тим значи мотив за унапредување на функционирањето на Спортскиот центар „Борис Трајковски“.

08

До каде е проектот за нова затворена тениска арена и гимнастичка сала?

- Во 2016 година се најавија многу проекти кој ќе значат афирмација на спортот и спортските федерации во Република Македонија. Меѓу многуте проекти што беа најавени од страна на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ на мое огромно задоволство е проектот за изградба на нова повеќенаменска сала, прва од ваков тип во нашата земја. Во тек е изработка на проектот кој е во финална фаза. Според нашите очекувања, почетоците со изградба на арената за гимнастика, затворен тенис и борачки спортови би започнала во јуни оваа година, а нејзината градба би требало да трае од 12 до 15 месеци, односно да биде готова до втората половина од 2018 година.

Се надевам дека сите љубители на спортот се уверени дека со такви услови што ги нуди таа сала ќе произлезат многу квалитетни спортисти во иднина. Ние вложуваме во иднината, затоа и ни се важни идните генерации што треба да се развиваат.

07

Базенот во склоп на Спортскиот центар е единствен во Европа кој не работи со загуба, односно е рентабилен. Како успевате во тоа?

- Пред две и пол години, кога дојдов на функцијата директор на СЦ „Борис Трајковски“, заедно со менаџментот на центарот си дадовме задача „Вип пливачкиот базен“ да го направиме рентабилен, покрај тоа што имавме предвид дека ваквите објекти во регионот и во Европа работат со загуба. Се соочивме со многу предизвици, воспоставивме многу новитети и правила во начинот на работењето. Работното време го продолживме од седум до 24 часот, воведовме нови попристапнии цени за утринско пливање. Овозможивме слободни патеки за рекреативци преку целиот ден. Условите за пливање, хигиената и квалитетот на водата ги доведовме на највисоко ниво, па така склопивме една понуда што друг пливачки базен во државава не може да ја понуди.

Резултат на напорната и посветена работа е во тоа што повеќе од 500 деца месечно тренираат во школите по пливање, преку 12.000 луѓе месечно го посетуваат „Вип пливачкиот базен“.

06

Кога ќе се спомне Спортски центар „Борис Трајковски“, повеќето мислат на спортската сала и можеби на вежбалницата. Кои други содржини ги нуди спортскиот центар?

- Верувам дека е така поради фактот што пред осум години кога првпат започна со работа Спортскиот центар, основен и носечки објект претставуваше мултифункционалната арена. Меѓутоа, оттогаш па сè до денес Спортскиот центар не престанува да ја надградува и да ја проширува својата понуда на спортски содржини. Во самиот комплекс се наоѓа и „Вип малата сала“, која се користи за тренинзи и рекреација.

Центарот располага и со ексклузивен „Вип фитнес“ и „Вип аеробик центар“, како и со сауни за релаксација на спортистите, „Вип пинг-понг клуб“ достапен за сите посетители. Комплексот ја вклучува и „Вип кугларницата“, која е подготвена по светски стандарди од Меѓународната кугларска федерација. Во рамки на центарот работи и „Вип хокеј арена“, „Вип пливачкиот базен“ во чиј склоп функционира и бокс-салата, четири професионални „Вип тениски терени“.

Од 2013 година во склоп на Спортскиот центар одлично функционира и „Вип аквапаркот“. Покрај спортските објекти, располагаме и со „Вип конгресниот центар“, кој е идеален за организирање прес-конференции, конгреси, коктели, симпозиуми, презентации и трибини. Да не го заборавам и едукативното јазично училиште „Логос“ кое нуди курсеви по странски јазици преку квалитетна и креативна настава. Значи, сепак се работи за еден комплетен центар во кој има сè што им е потребно на граѓаните.