Кој капацитет најмногу Ви се допаѓа

Developed in conjunction with Ext-Joom.com



logoscbt

СЦ „Борис Трајковски” со нови пониски цени и пакети за сите кои спортуваат во најголемиот спортски комплекс во државата!

„Воведувањето новини со пристигнување на новиот менаџмент е процес, кој се разбира, е во интерес на граѓаните и веруваме дека ќе придонесе кон дополнително зголемување на интересот за содржините во СЦ „Борис Трајковски”. Ова е најголемиот спортски центар во Републиката, со огромен број содржини и можности, па истиот мора да е достапен за што поширок број граѓани. Токму затоа започнуваме со нова понуда во форма на промотивни пакети, кои се инспирирани од мисијата на СЦ „Борис Трајковски” – поттикнување на спортувањето и водењето здрав живот”, вели Златко Перински, новиот директор на спортскиот центар.

Скопје (29.08.2014) Спортскиот Центар „Борис Трајковски” со претставувањето на новиот менаџмент најави и новитети, кои се добредојдени за сите граѓани кои спортуваат и се рекреираат во најголемиот спортски центар во Република Македонија. Пониски цени, нови пакети со комбинација на неколку спортски активности, како и можности за тим билдинг активности се само дел од новата понуда која се воведува со пристигнувањето на новиот директор Златко Перински.

Со промените ќе биде опфатен и аква паркот, кој воведува низа новитети во работењето, особено во делот на цените на билетите.

„Аква паркот добива нови пакет цени – воведуваме фамилијарен билет за четиричлено семејство што ќе чини 1.000 денари. Дополнително, билетите за децата под 13 години ќе бидат намалени на 200 денари. А, конечно, се воведуваат и групни билети за групи кои ги сочинуваат повеќе од 30 посетители и на кои ќе има попуст од 30 проценти. Со ова ќе се даде дополнителен импулс граѓаните да дојдат и да го посетат единствениот аква парк ко Скопје”, додава Перински.

На прес-конференцијата беше претставена и првата понуда која во себе вклучува повеќе содржини на СЦ „Борис Трајковски” - тип на услуга за која граѓаните беа заинтересирани веќе подолг период. Станува збор за месечен билет со кој посетителите, на пример, ќе можат да ја посетуваат и теретаната, базенот но и да ја користат сауната во склоп на фитнес центарот. Цената за сите три содржини на месечно ниво изнесува 2500 денари, со комбинирано користење на истите.

“Новото работно време на базенот (од 07:00 до 24:00) и фитнес центарот (од 07:00 до 23:00), кое официјално започнува од 1 Септември е дополнителна среќна вест за сите посетители на центарот и љубители на спортот, така што сите рекреативци во текот на оваа сатница ќе може да спортуваат согласно нивните секојдневни работни обврски”, дополни Перински.

Конечно, најавено е и пуштањето во употреба на новата интернет страница на спортскиот центар што ќе се случи во почетокот на месец септември. Истата ќе биде „user friendly”, лесно достапна за граѓаните кои таму ќе можат да ги најдат последните информации и новитети што ќе бидат воведени во работењето.