В недела во СЦ "Борис Трајковски" ќе се празнуваат спортот и семејните вредности

 sport-i-semejniVrednosti

Проектот „Спортот и семејните вредности“ чија основната намена е да се промовира спортот преку семејните вредности и да се стимулираат граѓаните преку спортот и спортските активности да се дружат повеќе меѓусебно, ќе се одржи в недела во СЦ „Борис Трајковски“.

Во периодот од 12-14.00 часот, во арената во која деновиве беше промовирана новата монтажно-демонтажна поставка за поделба на салата во 3 помали терени, предвидено е да се промовираат дружбата, забавата и спортскиот дух на семејно ниво.

Ивце Пивце со својата Весела дружина, кловнови, паркур артисти, скокање во вреќи, влечење јаже, вртење хула-хоп, кој најдолго ќе реди со пинг понг топче, фудбал или ракомет, родителите и дечињата во игра со врзана една нога, куглање во сала со топка за ритмичка гимнастика, хокеј во сала, со пинг понг рекет носење на топка фудбал или кошарка до одреден простор, карате, тенис и слични игри ќе бидат на мени за сите семејства кои ќе бидат дел од најмасовниот семеен спортски настан во недела.

„В недела нека спортот и дружењето со семејството бидат во фокус на сите родители. Сите заедно да направиме од овој настан една традиционална манифестација, која честопати преку спортот ќе ги празнува и семејните вредности. Дополнително, на самиот настан ќе бидат организирани наменски игри со натпреварувачки карактер, за децата и родителите како што се штафета со топка, балансирање со фризби, балансирање со одбојкарска топка, Здрвен дедо, игра за најпрецизните, пресоблекување на ластик, влечење јаже и многу други.,“ порача Директорот на Агенција за млади и спорт, г. Марјан Спасески на денешната прес конференција.

„Сликата за овој настан е да спортската арена „Борис Трајковски” биде средиште на задоволни семејства кои низ ревијални спортски натпревари во фудбал, ракомет, кошарка, тенис, пливање, куглање, пин-понг, ритмичка гимнастика, бадминтон, како и игрите со натпреварувачки карактер, имаат можност за дружење, спортување и забава со своите најмили. Континуираната работа на целиот тим од центарот, за промоција и воздигнување на спортот, негување на семејните вредности, мотивирање на граѓаните за што почесто изминато време во спортување, со овој настан само ќе го сублимира сето наше залагање. Упатувам апел до сите родители, да без сомнение го креираат својот викенд план со своите најмили, а задолжителен дел од тој план да биде неделното предпладне во СЦ Борис Трајковски“, порача г. Златко Перински – Директор на СЦ Борис Трајковски.

За најдобрите семејни тимови се предвидени симболични награди, а на настанот е најавено и присуството на познати спортисти кои во друштво на своите дечиња ќе ги одмерат силите со посетителите.

Настанот започнува во 12:00 часот и ќе трае сè до 14:00 часот, а влезот во арената е бесплатен.


Печати