Во 2017 година Македонија ќе добие тениска арена, гимнастичарска сала, базен и многу поволности за младите

Кон крајот на 2017 година Македонија ќе добие затворена тениска арена и гимнастичарска сала по сите светски стандарди. Ова вчера го најави претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски, а денеска го потврди и директорот на Спортскиот центар „Борис Трајковски“, каде всушност и ќе бидат сместени овие два капитални проекти. И отворениот пливачки базен во општина Шуто Оризари, кој вчера го најави Груевски, би требало да биде готов кон крајот на 2017 година. Носител на овој проект ќе биде Агенцијата за млади и спорт. Покрај овие три капитални, вчера исто така беше промовиран и проектот „Промена на студентскиот статус“ преку кој ќе им се намали партиципацијата за 50 проценти на студентите кои ќе имаат просек повисок од 8,5. Меѓу седумте мега проекти кои вчера ги најави претседателот на ВМРО-ДПМНЕ е и изградбата на спортска сала за Факултетот за информатички науки и технологии „Св. Апостол Павле“ во Охрид, како и проектот за организирање саем на средношколски иновации. Заедно со овие седум, во изминатите два месеца беа промовирани вкупно 27 проекти за младите во Македонија.


Печати